Холивудскиот актер Џони Деп по трет пат престојува во соседна Србија, но е речиси невозможно да се допре до него.
Деп во Белград снима сцени од филмот „Minamata“ во режија на Ендру Левитас, во кој ја игра улогата на американскиот фотограф Јуџин Смит, кој си го ризикувал животот за да ја открие аферата со труењето на населението во јапонскиот град Минамата во 1972 година.
Холивудскиот шармер е речиси непрепознатлив на сетот за филмот. Деп, кој е познат по неговите трансформации за ликови, се чини овојпат се надмина. Има долга седа брада и коса, очила со темни рамки, црна беретка на главата и со неколку килограми плус.
Српските медиуми пренесуваат дека е речиси невозможно да се стапи во контакт со него, но оние кои имале можност да работат или да се дружат со него, имаат само пофални зборови за Деп.
Режисерот Игор Мариќ открива дека Деп е условен со договор од неговата менаџерска компанија со лимит за трошење од 2 милиони евра месечно кој актерот го надминал.
Фотографот Драган Карадаревиќ раскажува дека кога го запознал Деп имале само 20 минути на располагање за интервју, а тој самиот ја продолжил средбата на 45 минути.
-Тој е огромна ѕвезда и остава таков впечаток, но се однесува сосема нормално. Очекував дека нема да можеме ни да му пријдеме. Кога си заминуваше се поздрави со секој до нас посебно, се присетува Карадаревиќ.