Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изрази жалење бидејќи долго време бил отсутен од своето работно место и му заблагодари на министерот за надворешни работи Доминик Раб, кој го менуваше, но и на граѓаните.

Тој во своето прво обраќање до јавноста, откако оздраве од новиот коронавирус, истакна дека пандемијата е најголемиот предизвик за државата од Втората светска војна, додавајќи дека земјата напредува во таа борба.

Џонсон изјави дека „постојат знаци оти Британија го достигнала пикот на болеста и успеала да спречи оптоварување на својот здравствен систем“.

– Затоа можеме да кажеме дека почнува пресврт. Вирусот е како крадец. Тоа го кажувам од лично искуство и ова е момент кога почнуваме да го совладуваме, нагласи британскиот премиер.

Според него, се уште е рано за олеснување на мерките, бидејќи вториот налет на вирусот би можел да биде катастрофален, изразувајќи разбирање поради загриженоста на продавачите, уметниците и сите кои се занимаваат со бизнис.

– Мораме да го разбереме ризикот од вториот удар. Барам од вас да бидете трпеливи, бидејќи верувам дека сега доаѓаме до крајот на втората фаза од овој судир, истакна Џонсон, кој додаде дека во борбата против коронавирусот треба да се вклучи и опозицијата „доколку е тоа можно“.