Британскиот премиер Борис Џонсон денеска во Киев се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, за како што соопштија од Кабинетот на Џонсон, да покаже солидарност.

Кабинетот на Џонсон на 9 април соопшти дека премиерот се среќава со Зеленски „во знак на солидарност со украинскиот народ“ и дека двајцата „ќе разговараат за долгорочната поддршка од страна на Обединетото Кралство за Украина и дека премиерот ќе претстави нов пакет финансиска и воена помош“.

Џонсон е најистакната политичка фигура што го посетува Киев, меѓу европските функционери и лидери што го посетија украинскиот главен град по повлекувањето на руските сили од престолнината и регионот околу.

Тие двајца заедно се прошетаа низ улиците на градот.

Премиерот Борис Џонсон рече дека ја направил својата ненајавена посета на украинскиот главен град како „покажување на непоколебливата поддршка на Британија за народот на Украина“.

Велика Британија ќе испрати 120 оклопни возила и нови противбродски ракетни системи за поддршка на Украина во нејзината борба против руската инвазија, соопшти Даунинг стрит.

Како и оклопните возила, како значително засилување на британската воена поддршка, Џонсон рече дека Британија ќе испрати и нови противбродски ракетни системи.