Поранешниот британски премиер Борис Џонсон изјави дека е уверен дека американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп ќе помогне да се стави крај на војната во Украина, бидејќи разбира дека поразот може да има огромни долгорочни последици за САД и светот.

Според Џонсон, по разговорот со Трамп оваа недела, тој е посигурен од кога било дека Трамп има сила и решителност да ја спаси Украина.

„Трамп ја разбира реалноста: поразот на Украина ќе биде огромен пораз за Америка. И не се работи само за исчезнување на слободата и демократијата, туку и за робување на украинскиот народ. Верувам дека Доналд Трамп може да стави крај на војната под соодветни услови за Украина и Западот. Нагласувам дека не можам да бидам сигурен што точно ќе прави доколку биде избран. Но, тоа е она што тој може да го направи“, рече Борис Џонсон во авторски текст за Дејли Мејл.

Како што оценува Џонсон, Трамп може да направи многу за светот во кој „рускиот претседател Владимир Путин конечно ќе разбере дека иднината на Украина е иднината на слободна, суверена и независна европска земја“.

„Во последните две години постојано им посакувавме победа на Украинците, без да им дадеме средства. Трамп едноставно може да го направи она што природно му доаѓа – да ги запре бирократските одложувања и да им ги даде на Украинците потребните дозволи; а потоа, кога Путин повторно ќе биде потиснат, би можел да понуди договор“, смета поранешниот британски премиер.

Според неговото мислење, Путин ќе мора да се повлече барем до границите што и претходеа на инвазијата во 2022 година, а за да се избегнат идни конфликти и неизвесности, „остатокот од Украина“ треба да биде признаен како слободна земја, способна да ја избере својата судбина во ЕУ и НАТО.

Џонсон смета дека победата на Украина во војната е патот за подобри односи со Русија. Тој додаде дека постојат секакви стимулации кои можат да функционираат за Путин.