Британскиот премиер Борис Џонсон повика на глобален договор за да се обезбеди вистинска транспарентност при пандемии.

Целта е државите да разменуваат податоци, во услови на загриженост од Велика Британија и САД  дека на неодамна завршената мисија на Светската здравствена организација (СЗО) во Вухан не и е даден целосен пристап. Тимот се обиде да го утврди потеклото на новиот коронавирус, откриен во центарот на кинескиот град во декември 2019 година.

– Мислам дека на светот му треба заеднички договор за тоа како да се следат пандемичните податоци од животинско потекло … и ние сакаме заеднички договор за транспарентност, изјави Џонсон на прес-конференција. Тој посочи дека целта е потписниците да ги споделат сите податоци со кои располагаат, „со цел целосно да се утврди (како се појави новиот коронавирус) и да се спречи (таква пандемија) да се повтори“.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на Твитер ја поздрави иницијативата на британскиот премиер „за подобрување на подготвеноста, еластичноста и глобалното закрепнување“.

Како дел од британското ротирачко претседателство со Г-7 оваа година, Џонсон сака да ги предводи напорите за глобално реагирање на пандемии, вклучително и преку системот за рано предупредување. В петок ќе се одржи видеоконференциски состанок на лидерите на земјите во групата, на кој ќе се разговара за борбата против коронавирусот и дистрибуцијата на вакцините.