Британскиот премиер Борис Џонсон најави повторно воведување остри мерки на територијата на Англија, вклучително и забрана за движење, со цел да се сузбие новиот вид на коронавирусот.
Новите мерки ќе траат барем до средината на февруари, иако Велика Британија го забрза процесот на вакцинација, со што стана првата земја во светот што користи вакцина од Астразенека и Универзитетот Оксфорд.
Џонсон рече дека граѓаните мора да останат дома, како што беше наредено во март, за време на првиот бран на пандемијата. Забраната за движење сега е воведена поради мутираната варијанта на вирусот што се шири многу побрзо од порано.
– Додека ви се обраќам вечерва, нашите болници се под поголем притисок од коронавирусот отколку кога почна пандемијата, рече Џонсон.
Според новите правила, што ќе стапат на сила наскоро, училиштата и колеџите ќе бидат затворени за сите ученици и студенти, освен за децата на работниците кои треба да одат на работа. Студентите нема да се вратат на колеџ најмалку до средината на февруари.
Сите продавници што не продаваат неопходни стоки, како и услугите како што се фризерите, ќе бидат затворени, додека рестораните можат да подготвуваат храна само за испорака.
Според денешните податоци, во англиските болници има 26.626 заразени со вирусот, што е раст од 30 проценти во споредба со пред една недела и 40 отсто повеќе од рекордниот број хоспитализирани во пролетта.