Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека е неизбежен вториот бран на пандемија на коронавирус во земјата, додавајќи дека тој не би сакал повторно да се воведат карантински мерки на национално ниво, но дека властите може да бидат принудени да одлучуваат за нови забрани.
– Само што гледаме како доаѓа нов бран … се плашам дека тоа е апсолутно неизбежно, рече Џонсон.
Како што пренесуваат британските медиуми, тој изјавил дека не е исклучено британската Влада, за да ја задржи ситуацијата под контрола, да мора да донесе нови мерки.
– Во никој случај не сакам да бидеме во ситуација да воведеме повторно карантин на национално ниво, рече британскиот премиер, но додаде дека ситуацијата ќе мора да се анализира доколку вирусот продолжи да се шири.
Бројот на нови случаи на коронавирус во Британија речиси двојно се зголеми на дневна основа, на околу 6.000 случаи.
Најголем пораст на новозаразени е забележан во северна Англија и Лондон.