Неколку дена пред крајот на процесот, Државниот завод за статистика не ја исклучува можноста да побара дополнителен рок за продолжување на регистрацијата на терен. Според оваа институција, пописот се одвива без проблеми и доколку заврши навреме како што е предвидено, ќе се смета за успешен, во спротивно, Заводот ќе бара екстра денови.
„Како ќе се одвива работата на терен зависи од работата на попишувачите и однесувањето на граѓаните. Ако завршат на време, тогаш можеме да кажеме дека процесот е успешно завршен, а ако не, тогаш сме тука да побараме од надлежните органи да го продолжат рокот за регистрација онолку денови колку што е потребно. Знаете дека цели пет дена скоро и да не работевме поради хакерски напади и тоа нè направи да бидеме под временски притисок. Доколку е потребно, ќе побараме овие денови да бидат надоместени“, велат од Државниот завод за статистика.
Од статистика велат дека нападите продолжуваат, но системот и апликациите за попис се добро заштитени и работат без никакви пречки. До неделата вечерта биле попишани вкупно 1 милион 620 илјади жители, а до денеска на пладне, плус уште околу 30 илјади. Продолжува онлајн пописот на дијаспората, кој во последните денови имаше значително поголем интензитет. Само еден ден пред тоа беа направени над 1.700 регистрации. Во моментов во дијаспората се попишани околу 198.600 лица.