Индустриското производство во јуни годинава во однос на јуни лани бележи намалување од 2,7 отсто, вкупно за периодот јануари-јуни годинава има раст од 4,8 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во јуни 2019 година, во однос на јуни 2018 година, бележи пораст од 5,2 отсто, во секторот преработувачка индустрија бележи опаѓање од 6,7 отсто, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 34,3 отсто.
Намалувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во производството на прехранбени производи, на пијалаци, тутунски производи, облека, кожа и слични производи од кожа, метали, фабрикувани метални производи, освен машини и опрема и производство на компјутерски, електронски и оптички производи.
Според главните индустриски групи, производството во јуни 2019 година, во однос на јуни 2018 година, бележи пораст кај енергијата за 29,9 отсто и трајни производи за широка потрошувачка за 2,6 отсто, додека опаѓање бележи кај интермедијарни производи, освен енергија за 4,7 отсто, капитални производи за 3,1 отсто и нетрајни производи за широка потрошувачка за 10,1 отсто.