По вонредниот инспекциски надзор во прилепската болница, Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе бара спроведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност кај здравствените работници кои учествувале во лекувањето и исписот на новороденчињата близначиња што починаа на 16 јануари.

Инспекторатот констатирал дека кога на 10 јануари мајката со потпис, на свое барање заминала од болницата со новороденчињата предвреме родени и со мала тежина, болницата не го известила Центарот за социјални работи.

-За време на престојот во установата се до денот на испис, новородените биле постојано во инкубатор. Од страна на докторите од неонатолошкото одделение добиен е податок дека мајката инсистирала на испис на новородените и покрај нивното убедување дека треба да останат во установата за нивно целосно адаптирање., стои во извештајот на Инспекторатот.

Во наодот се вели дека ќе биде издадена и наредба за задолжително известување на надлежен Центар за социјални работи во случај кога интересите на пациентот односно неговиот родител или старател се спротивставени, а за што од страна на ДСЗИ ќе биде спроведена и соодветна прекршочна постапка.

Истовремено, додаваат од Инспекторатот, до министерот за здравство ќе иницираат постапка за стручен надзор над стручната работа на здравствената установа. Од прилепската болница пак информираат дека ќе биде формирана внатрешна комисија која ќе го испита случајот при што ќе биде познато дали и какви санкции ќе има за здравствените работници инволвирани во случајот.

Инаку, правото за самоволно напуштање на болницата е регулиран и во Законот за заштита на правата на пациентите во членот 27, според кој:

„Пациентот има право самоволно да ја напушти болничката здравствена установа, освен во случаи кога тоа би било штетно за неговото здравје и здравјето или безбедноста на други лица“

Бебињата близначиња се родија на 30 декември предвреме, во 34-та гестациска недела со мала тежина, под 2 килограми. Починаа само 6 дена откако заминале во домот во село Славеј, а според лекарите од прилепската болница тие биле премрзнати. За случајот предмет отвори и прилепското обвинителство.