Весникот „Дејли Мејл“ објави фотографии од актерот Џефри Овенс (57), познат по улогата на Елвин Тибидоу од серијата Шоуто на Козби, како работи како касиер во супермаркет во близината на Њујорк.
Актерот настапуваше и во серијата Секогаш е сончево во Филаделфија, а во Шоуто на Козби го глумеше сопругот на Сондра, една од ќерките на лекарот Хитклиф Хакстабл (Бил Козби). Неколку купувачки во супермаркетот Трејдер Џоуз во градот Клифтон во сојузната држава Њу Џерси го препознале касиерот облечен во извалкана мајца и ги испратиле фотографиите до весникот.
Објавувањето на фотографијата предизвика критики кон весникот и кон купувачките кои го фотографиле Овенс, со коментари дека тоа е чесна работа и Овенс нема причина да се срами што работи во супермаркет.