Интерактивна промоција на интерактивната книга „Еден маж и една жена или како љубовта раздвојува светови“ ќе се одржи утревечер во 19 часот, на зелениот покрив на Домот на градежниците, односно ЈУ Домот на културата ,,Кочо Рацин” – Скопје.

Рецензенти на оваа интерактивна збирка поезија за креативно читање и креативно пишување се реномираните македонски книжевници и есеисти универзитетските професори Владимир Мартиновски и Венко Андоновски, а на промоцијата книгата ќе ја претстави Мартиновски.

Со оглед дека станува збор за интерактивна книга, и промоцијата е замислена како интерактивна и како еден вид работилница на која публиката ќе земе активно учество интерпретирајќи и пишувајќи поезија која ќе биде споделена онлајн за време на настанот.

-„Еден маж и една жена или како љубовта раздвојува светови“ – интерактивна збирка поезија за креативно читање и креативно пишување“ има ретко инвентивна и нестандардна структура. Првиот дел е авторска збирка „љубовна, интимистичка поезија“ наменета за „интимно, самотно читање“. Но вториот дел од книгата на читателот му нуди упатства за можно (наглас) читање, изведување и толкување на песните, со што читател(к)ите суптилно се покануваат и се вклучуваат во една херменевтичка авантура, која има и инструктивна димензија, бидејќи од авторката се понудени и маркери за интерпретација на поетските текстови, наведува за книгата Мартиновски.

Со третиот дел стихозбирката на Елена Пренџова, која е високо вреднувана во рамките на конкурсот за необјавена поетска книга „Антево перо“ за 2020 година (влегувајќи во најтесниот избор за наградата), додава тој, прераснува во една мошне оригинална платформа за потенцијална поетска работилница.

-Во интерактивниот дел од книгата се поместени 18 задачи упатени до читателот, со детални упатства и назнаки за креативно пишување, вели рецензентот Владимир Мартиновски.

Според рецензентот Венко Андоновски, со овој поетски ракопис луцидната, талентирана, бистроумна Елена Пренџова влегува во зоната на најсовремените поетски искуства од експериментален тип, карактеристични за развиените светски книжевности.

-Концептот на оваа стихозбирка е ИЗВОРЕН, генијален. Стихозбирката е пред своето време како поетски „план за градба“ на една современа стихозбирка, иако се потпира на поетски методологии кои им се познати на оние кои сериозно ја проучуваат поезијата. Но најголемата вредност на оваа чудна, експериментална стихозбирка не е во нејзината „структура на експериментален проект“, туку во СИЛНОТО КЛАСИЧНО ПОЕТСКО ПИСМО. Пренџова е силна, мисловна, емотивна, вешта поетеса, родена поетеса. Тоа што poeta natus кај неа оди подрака со poeta doctus, тоа е реткост, и затоа Пренџова е во самиот врв на нашата современа поезија, посочува Андоновски.

Елена Пренџова е поетеса, слемерка и препејувачка. Таа е магистерка по Филолошки науки и дипломирана професорка по англиски јазик и книжевност. Менторира работилници за слем и креативно пишување.

Авторка е на десетина поетски книги, а има објавено и неколку преводи и препеви од англиски и српски јазик. Го соорганизира националниот слем-натпревар. Има добиено повеќе едномесечни писателски и преведувачки резиденции во Србија, Албанија, Естонија и Словенија, од Регионалната мрежа за културна разновидност – РЕАД, од „Поетека Албанија“, Министерството за култура во Албанија и Традуки мрежата, како и од програмата за перформативни уметности i-Portunus и „Креативна Европа“. Оваа година оствари едномесечен резиденцијален престој во Рим, Италија, како стипендистка на платформата Culture Moves Europe за време на која ја препејуваше збирката поезија „Париз XXI“ од Јакопо Мељо.