ЕУ потфрли уште еднаш да донесе вистинска одлука, изјави премиерот на Албанија Еди Рама на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев по учеството на Првиот Економски форум Скопје.
-Што и да се случи, што и да се одлучи во Брисел ние ќе останеме посветени да ја зајакнеме економијата, да ја подобриме благосостојбата на нашите народи и да го сочуваме нашето достоинство. ЕУ може да поставува задачи, може да поставува рокови, датуми, но не може да ја смени локацијата на Албанија и С Македонија кои се наоѓаат во средината на Европа, ниту иднината на нашите народи како европски народи во европското семејство, вели Рама коментирајќи ја новата блокада од Бугарија за старт на преговорите со ЕУ на двете земји.
-Албанија ја има завршено својата задача уште од времето на Ѓерг Кастриот и на своите преродбеници. За нас Сонцето изгрева таму каде што заоѓа, а нашата иднина е таму каде што Бог одредил да имаме своја земја, во срцето на Европа. ЕУ потфрли повторно да го одржи ветувањето, да остане посветена на аганжманот и да биде на вистинскиот став, вели Рама.
Напредокот, додаде тој, ќе продолжи со сите сили затоа што тој не ни се наметнува од надвор, туку од нас самите внатре и нема да зависи само од односот на ЕУ кон нас, а ќе продолжи и регионалната соработка.
-Регионалната соработка ќе продолжи со сите сили и со сите држави од Западен Балкан кои се подготвени да работат напред безрезервно, затоа што овој регион е опкружен со границите на ЕУ и, ако ние не можеме да го смениме начинот на кој функционира ЕУ во однос кон нас, може треба да го менуваме начинот на нашето функционирање едни кон други. И, топењето на границите меѓу нас е за да го претвори нашиот регион во простор на целосна имплементација на четирите слободи на ЕУ: слобода на движење на луѓе, на стоки, услуги и капитал. Тоа ќе продолжи без запирање, бидејќи ние сме премногу мали да имаме силни економии останувајќи одвоени едни од други. Но сме доволно големи ако едни со други го претвориме регионот во еден заеднички економски простор, порача Рама.