Во Босна и Херцеговина најмалку едно лице дневно се откажува од босанскохерцеговско државјанство. Според податоците на Министерството за цивилни прашања,  Босна и Херцеговина во изминатите 20 години останала без повеќе од 80.000 граѓани, што значи дека во БиХ нема жители колку еден град.

Демографите предупредуваат дека проблемот е што државата останува без работоспособно и репродуктивно население, кое се одлучува за државјанство на друга земја најчесто од економски причини или егзистенцијални проблеми.

Според податоците на Министерството, најголем број граѓани од Регистарот на граѓани се испишале во 2003 година, околу 9.000. Во следните години, бројот на откажување на државјанство се намалуваше, но, во 2016 година ситуацијата повторно се промени, од кога барем еден граѓанин на БиХ дневно се откажува од своето државјанство.

– Сметаме дека релативно е зголемен  бројот на лица кои во 2016 година се откажале од државјанството на БиХ, воглавно како последица на ажурирањето на податоците во земјите на Европската унија (ЕУ), што се спроведува како една од заштитните мерки против мигрантите.  Во прашање се најмногу наши граѓани кои во земјите од Западна Европа емигрираа за време или веднаш по војната во БиХ и кои досега не се откажале од своето државјанство, а според законот, тоа морале да го направат, објасни помошник-министерот Милан Зјајиќ.

Лицата, кои се откажуваат од државјанство, не се должни да наведат други причини, освен фактот дека веќе имаат или им се гарантира стекнување на државјанство на друга држава.

Сепак, најчестите причини за откажување од државјанство се, всушност, право на недвижен имот, олеснето патување, олеснето студирање во странство или работно- правен статус.

Мирза Омеровиќ, кој живее во Австрија од 2003 година, се откажал од државјанство пред неколку години, како што вели, од чисто практични причини.

– Искрено, тоа не беше лесна одлука, но кога реално ќе ги погледнеме работите, живеам во Виена веќе 15 години и многу е полесно со документи на државата во која моментално работам. Од друга страна, мора да разбереме дека австрискиот пасош нуди многу повеќе опции. Можам да патувам многу повеќе, можам да живеам или да работам насекаде во Европа, па во еден момент сфатив дека мене пасош за БиХ повеќе не ми е потребен, иако најмногу би сакал да ги имам двете државјанства, вели Омеровиќ.

Таксата, кој граѓанинот на БиХ мора да ја плати ако сака да се откаже од државјанството е 800 марки (околу 407 евра), а ако се прави преку дипломатско-конзуларната мрежа на БиХ во странство, се плаќа и конзуларна такса.

Според податоците на Министерството, во 2017 година, на име на такса уплатени се речиси 1,5 милиони марки (околу 764.500 евра).

– Целата процедура, вклучувајќи ги сите такси и исписници од БиХ, кои морав да ги извадам, мене ми чинеа околу 5.000 марки (повеќе од 2.500 евра), а преминот од едно на друго државјанство траеше две години. Сепак, не ми е жал. Кога ќе се сетам како на словенечката граница со босански пасош бев малтретиран, а како сега само им мавтам со рака – тоа е непроценливо, објаснува Омеровиќ.

Демографот од Сараево, Хасан Золиќ, смета дека ситуацијата во која луѓето се повеќе се откажуваат од државјанство на БиХ, воопшто не изненадува, но во земја каде што повеќе луѓе умираат отколку што се раѓаат, тоа може да претставува проблем.

– Ова е де факто и де јуре емиграција, бидејќи ако луѓето бараат промена на државјанството, тие веројатно никогаш нема да се вратат во БиХ, ниту пак ќе го вратат своето домицилно државјанство. Тоа што е најлошо, е што тие се работоспособни и репродуктивно способни луѓе, а кога таквите луѓе засекогаш ќе ја напуштат земјата – знаете, кој останува во таа земја, вели Золиќ.

Според експертите, договорот за двојно државјанство со земјите во Европа сигурно ќе придонесе граѓаните на Босна и Херцеговина да не се откажат од нивното државјанство во толку голем број.

Досега, договорот за двојно државјанство на БиХ е потпишан со Србија, Хрватска и Шведска, додека се во најави и обидите за воспоставување договори со Црна Гора и со Турција.

Според Министерството за цивилни прашања на БиХ, другите земји во Европа не изразија подготвеност да потпишат договор за двојно државјанство со БиХ.