Долгоочекуваното официјално отворање на Големиот египетски музеј (ГЕМ) во Гиза ќе се одржи денеска со учество на високи делегации од 79 земји, од кои 39 ќе бидат предводени од кралеви, принцови, шефови на држави и шефови на влади, објави онлајн изданието на списанието „Египет тудеј“, повикувајќи се на египетското претседателство.

На отворањето на музејот ќе присуствуваат и претседателите на Албанија, Бугарија, Ерменија, Колумбија, Хрватска, Кипар, Демократска Република Конго (ДРК), Џибути, Екваторска Гвинеја, Еритреја, Германија, Гана, Палестина, Португалија, Сомалија, Либискиот претседателски совет, Суверениот ред на Малта и Јеменскиот претседателски лидерски совет.

Претставници на кралските семејства на Бахреин, Белгија, Данска, Јапонија, Јордан, Луксембург, Монако, Оман, Саудиска Арабија, Шпанија, Тајланд и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) одговорија на поканата, а Белгија, Грција, Унгарија, Кувајт, Либан, Луксембург, Холандија и Уганда ќе бидат претставени од нивните премиери.

Високи министерски и парламентарни делегации ќе пристигнат на настанот од Алжир, Ангола, Австрија, Азербејџан, Бразил, Камерун, Канада, Чад, Кина, Брегот на Слоновата Коска, Финска, Франција, Габон, Индија, Ирска, Италија, Кенија, Киргистан, Малта, Мароко, Пакистан, Катар, Романија, Русија, Руанда, Србија, Сингапур, Словачка, Јужна Африка, Шри Ланка, Шведска, Швајцарија, Того, Тунис, Турција, Обединето Кралство, САД, Узбекистан, Ватикан и Замбија.

Меѓу претставниците на меѓународните организации се генералниот секретар на Лигата на арапските држави, генералниот секретар на Организацијата за исламска соработка (ОИК), претседателите на Комисијата на Африканската унија и на Арапскиот парламент, високиот претставник за Алијансата на цивилизациите во име на генералниот секретар на ОН и претседателот на Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA).

Настанот првично беше закажан за 3 јули, но беше одложен поради војната меѓу Израел и Иран во јуни оваа година. Церемонијата сега се одржува веднаш по самитот во Газа, наречен Самит за мир, со кој претседаваа египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и неговиот американски колега Доналд Трамп.

„Порака за мир“ е насловот на волшебниот спектакл што ќе го одбележи отворањето на ГЕМ со музика од композиторот Хишам Назих под диригентската палка на познатиот египетски диригент Најар Наги. На програмата учествуваат и египетски уметници и музичари од 79 националности. Церемонијата, замислена како меѓународна прослава на древната египетска цивилизација, ќе биде достапна за гледање во живо на платформата TikTok. Емитувањето е закажано да започне во 18 часот по локално време, а концерт-спектакл ќе има во 19:30 часот.

Музејот е затворен од 15 октомври за да се трансформира во гламурозна сцена, а неговото повторно отворање за посетители на 4 ноември ќе се совпадне со 103-годишнината од откривањето на гробницата на Тутанкамон.

Вкупно, околу пет илјади артефакти ќе бидат изложени на едно место за прв пат од нивното откривање во Долината на кралевите во 1922 година. Салата Тутанкамон во Египетскиот музеј беше затворена на 20 октомври за да се транспортираат антиквитетите во новиот музеј.

ГЕМ ја лансираше својата ажурирана веб-страница https://gem.eg/en со информации за изложените артефакти, специјални програми и настани, како и можност за купување билети.

ФОТО: Архива