Ракометарите на Еурофарм Пелистер извлекоа бод (27:27) во синоќешниот неизвесен натпревар со португалскиот претставник во европската ЕХФ-лига, Агуаш Санташ.
Двете екипи во текот на целата средба играа израмнето, а првото „одлепување“ битолчани го имаа во 14 минута кога резултатот на семафорот беше 7:4, но гостите веднаш возвратија и израмнија на 8:8. Полувремето заврши со минимална предност на Еурофарм Пелистер од 14:13.
Во вториот дел публиката очекуваше зголемување на водството и лесна победа, но сликата на теренот беше во полза на гостите кои во 47 минута прв пат поведоа, а во 52 минута имаа и три голови предност (21:24). Сепак на крајот битолчани извлекоа среќно „ракометно реми“ бидејќи Хосни го израмни резултатот на 27:27, а Кизиќ успеа да го одбрани ударот на Силва Гомеш.
Со освоениот бод РК Еурофарм Пелистер ги задржа шансите за пласман во елиминациските натпревари од ЕХФ ракометната лига