Европската ракометна федерација (ЕХФ) вечерва се огласи по неодигрувањето на реваншот од финалето на Европскиот куп меѓу Алкалоид и АЕК.

ЕХФ во своето кусо соопштение порача:
„Финалето на ЕХФ Европскиот куп меѓу Алкалоид и АЕК во Скопје е откажано поради безбедносни причини“.

Ова е најблаго речено некоректно од страна на ЕХФ со оглед на одличната организација околу натпреварот. Управата на Алкалоид се погрижи до најситни детали да бидат запазени сите протоколи за натпревар на ова ниво.

За одличната организација потврди и делегатот на мечот кој им оддал признание на домаќините за напорите кои ги направиле.

Конечната одлука дали Алкалоид службено ќе го добие натпреварот, или ќе биде доделен нов термин з ареваншот ќе биде донесена во вторник (27 мај).

АЕК не го одигра натпреварот поради заканите од сопствените навивачи кои на грчките ракометари им порачале да не се враќаат во Атина ако истрчаат на теренот во СЦ „Борис Трајковски“.