Европската комисија реагира на извештајот на Европскиот ревизорски суд за владеењето на правото на Западен Балкан и е уверена дека новите механизми ќе овозможат поефикасен пристап, јавува дописничката на МИА од Брисел.

По извештајот на Европскиот ревизорски суд кој утврди дека политичката и финансиската помош во областа на владеењето на правото на Западен Балкан меѓу 2014 и 2020 не дала убедливи резултати и реформски напредок во регионот, Европската комисија денеска ги поздрави наодите на ревизорите.

За Брисел е важно што извештајот го нагласува недостатокот на домашна политичка волја го ограничува напредокот во областа на владеењето на правото.

Но, ревизорите во нивниот извештај сметаат дека и самата Европска комисија треба да воведе поефикасни механизми и да ги користи можностите за суспендирање на фондовите во случај на непочитување на темелните начела на ЕУ.

На ова Европската комисија попладнево реагираше истакнувајќи дека владеењето на правото е основа на процесот на пристапување во ЕУ и ќе го одреди ритамот на напредокот на земјите од регионот на нивниот пат кон ЕУ.

-Комисија го зајакна својот фокус врз темелите – што покрива владеење на правото, темелни права, демократски институции, реформа на јавната администрација и економско владеење – во рамките на засилената методологија, се наведува во реакцијата на Европската комисија.

Брисел признава дека е потребен дополнителен напредок, иако смета дека веќе одреден прогрес е реализиран. Европската извршна власта се заложува да продолжи да ги поддржува властите и сите релевантни чинители во регионот на овој пат и да продолжи да го набљудува напредокот преку редовните извештаи за реформски напредок и извештаи за владеењето на правото со специфични препораки.

-Иако важен напредок е забележан посебно во некои земји на Западен Балкан, остануваат предизвици за владеењето на правото и потребни се дополнителни напори во оваа темелна област на политиката на проширување на ЕУ за да се создаде вистинска култура на владеењето на правото како и посилна политичка посветеност на Западниот Балкан за напредок во клучните реформи, смета Европската комисија по критиките на ревизорскиот суд на ЕУ.

Со оваа цел, вели ЕК, воведен е нов пристап кој ги става темелните принципи први во новата методологија на преговори, додека новиот финансиски претпристапен инструмент, ИПА 3, има поголем фокус врз владеењето на правото.

Ревизорскиот суд смета дека овие промени се добредојдени и можат да дадат резултати.