Европската комисија денеска потврди дека нема засега да дозволи прием на Бугарија, Романија и Хрватска во Шенген зоната поради отпорот на некои земји-членки.
Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон на прес-конференција во Брисел претстави „Стратегија за зајакнување на Шенген зоната“ и потсети дека, според Комисијата, Бугарија и Романија ги исполниле техничките критериуми за членство во 2011 година и Хрватска во 2019 година, но сепак, Советот на ЕУ не им дава „зелено светло“ за влез во просторот без внатрешни граници.
Шенген зоната во моментов има 26 земји-членки, од кои 22 се земји на ЕУ. Бугарија, Романија, Хрватска, Кипар и Ирска остануваат надвор од неа. Шенген зоната ги вклучува и Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.