Центарот за еколошка демократија Флоразон во соработка со Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ Скопје, од денеска почнува со поставување 75 специјализирани корпи за одлагање отпад од заштитна опрема – маски и ракавици на целата територија на државата.
Како што истакна на денешната прес-конференција претседателот на Центарот Флоразон, Кирил Ристовски преку овој проект сакаат директно да влијаат врз намалувањето на ризиците од понатамошно ширење на коронавирусот, а истовремено да влијаат и врз намалување на т.н. ковид отпад.
– Преку овој проект сакаме да ја поттикнеме општествената одговорност кај приватниот и јавниот сектор и воедно преку тоа да влијаеме врз јакнење на јавната еколошка свест и да укажеме на слабостите на актуелните практики на самиот систем за управување со отпад, рече Ристовски.
Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ ќе го транспортира овој отпад заедно со комуналниот. Портпаролката на претпријатието Ана Марија Бранѓолица апелира до граѓаните заштитната опрема што ќе ја одлагаат во овие садови да биде уредно спакувана со цел превентивно да се заштити здравјето на вработените во претпријатието кои секојдневно доаѓаат во контакт со овој потенцијално опасен и контаминиран отпад.
– ЈП „Комунална хигиена“ Скопје уште од почетокот на прогласувањето на пандемијата на вирусот КОВИД-19 спроведе низа вонредни мерки и активности се со цел да се постигне максимално ниво на хигиената и чистотата на јавните и сообраќајните површини во градот. Ова е уште еден наш придонес во борбата против вирусот Ковид и заштититата на јавното здравје, рече Бранѓолица.
Центарот за еколошка демократија Флоразон преку проектот „Биди одговорен за себе и за нашата животна средина и во услови на пандемија“ склучи договори со повеќе ланци на маркети, како што е „Тинекс“. Како што посочи Цветанка Христовска, бренд директор на „Тинекс“, компанијата во време на пандемија максимално ги почитува препораките и мерките за спречување на ширењето на вирусот.
– Изминатите денови во соработка со Флоразон, пред нашите маркети, на местата на кои најмногу е евидентирано фрлање отпад поставивме корпи за отпад на еднократни заштитни маски и ракавици кои во овој период масовно се користат и преку учество во овој проект се надеваме да придонесеме до поголема безбедност од ширење на вирусот. Апелираме правилно да го одлагаат и селектираат отпадот бидејќи само на тој начин заеднички ќе може да придонесеме во заштита на поздрава околина и заштита од овој опасен вирус, рече Христовска.
Паралелно со овој процес, Центарот Флоразон склучи договори и потпиша меморандуми со јавните комунални претпријатија на Град Скопје, на Куманово, Кичево, Охрид и Струга.