Државниот инспекторат за животна средина досега не го применил Кривичниот закон за да поведе кривична постапка против некој субјект кој ја загрозил животната средина, спроведувани се само прекршочни постапки. Причини, за директорката на Инспекторатот, се можеби тоа што овие постапки се истражни, бараат вклучување на МВР, немањето правник во оваа институција, како и тоа дека инспекторите се технички лица.
-Имаме и кривична одговорност. Кривичната одговорност во ниту еден случај не е применета. Не сме го примениле досега Кривичниот закон, а причината за тоа е веројатно дека кривичните постапки бараат истражни постапки, каде треба да се вклучи МВР. Таа соработка досега не била официјализирана и искористена и се она што досега се водени како постапки, се водени во рамки на законите и прекршочната постапка. Значи не кривична, вели во интервју за МИА директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска.
Смета дека сигурна досега имало основ во некои од случаите да се покрене кривична постпака, меѓутоа, вели едноставно тие можности не биле искористени досега. -Тие се долги и опсежни постапки. Државниот инспекторат за животна средина нема правник, и се уште немаме. Почнавме да користиме надворешен соработник за да можеме да ја земеме под контрола оваа постапка, оти и решенијата што ги издавме утре може да ни паднат ако правно не се издржани. Инспекторите се технички лица, а дури да се води кривична постпка, значи треба да имаме кривичар кој би можел да помогне на инспекторите да ги реализираат овие постапки. Заради недостаток на тој ресурс, правник, претпостаувам дека инспекторите воопшто не се осмелувале да навлезат во авантура да ги тераат кривичните процеси, истакнува Петровска.
За неа е најважно е фокусот да не биде на санкциите. -Најважно е инспекторите да бидат на терен и да ги следат загадувачите. Да превенираат хаварија, оти џабе се потрошени 1,5 милион евра за санација како кај Саса, кога тоа можело да се спречи. Значи да бил таму на терен доволно често инспектор или дозволата да ја предвидела оваа хавараија и да дала мерки ова воошто не би се случило, вели таа.
Додава дека вината не ја става толку многу во ненаплатување казни, кои се важни во делот да бидат поука за други или за иститот тој субјект да не го повторува делото. -Особено, посочува, казната е многу важна кога има намера, оти некаде имаме и намера. Намерно прекршување оти никој ништо никому не му може. Но вистинската улога на Инспекторатот, сега јас го гледам со нашето присуство на терен е да направат превенција и едукација. Ова можеби нема да звучи добро на граѓаните, оти сите сега сакаат да покажеме сила и да кажеме дека навистина сме тука, присутни, ќе казнуваме, нема да толерираме, вели директорката на ДИЖС.