Американската економија е на пат за обнова, до јули да го достигне нивото од пред пандемијата, дури и доколлку Конгресот не ги одобри дополнителните мерки за помош и обнова. Сепак, милиони невработени не би можеле да се вратат така брзо на работа, некои можеби и со години. 

Ова денеска го објави Канцеларијата за буџет на американскиот Конгрес. Новата прогноза на ова конгресно тело, што се смета за натпартиско, е подобро од онаа објавена летоска. 

Оттаму велат дека изгледите се подобри, бидејќи големи делови од американската економија се адаптираат на пандемијата многу подобро и побрзо отколку што претходно се очекуваше. 

Зголемениот економски развој се должи на пакетот мерки од 900 милијарди долари даден во декември, што вклучуваше 600 долари директни исплати за Американците и поголеми исплати за невработеност. 

Според канцеларијата, стапката на невработеност во САД треба да се намали до 5.3 отсто до крајот на 2021 година, помалку од прогнозираната стапка од 8.4 отсто летоска во јули. Оттаму очекуваат раст на бруто домашниот производ од 3.7 прценти годинава, откако на крајот на 2020 година беше забележан помал застој од очекуваниот. 

Пооптимистичките изгледи за економијата најверојатно ќе отворат дебата за тоа дали е потребно носење на нов пакет мерки во висина од 1.9 трилиони долари ветен од претседателот Џо Бајден на почетокот на неговиот мандат. 

Републиканските лидери денеска имаат средба на оваа тема со Бајден во Белата куќа, и се очекува да бараат намалена помош, со изговор дека на економијата не ѝ потребна таква голема сојузна интервенција и дека уште еден голем пакет мерки би ја „прегреало“ економијата