Во основното училиште „Петар Поп-Арсов“ во Карпош викендов почна снимањето на телевизиската серија „Зоки Поки“, модерна екранизација на лектирата од писателката Оливера Николова, објавена во 1963 година.

ТВ-серијата за најпознатиот македонски детски лик ја режираат Александар Поповски и Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Во продукција е на „Кино око“ која соопшти дека е предвидено снимање десет епизоди според внимателно избрани теми и приказни од книгата со која имаат израснато многу генерации.

– Верувам дека спојот на она што мојата генерација го наследи од генерацијата на нашите родители ќе успееме да го пренесеме на нашите деца. Зоки Поки носи покрај забавен карактер и една длабоко хумана порака. Преточена во модерен јазик мислам дека една серија со приказни од животот на ова момче може да фрли едно топло светло врз телевизиската програма, изјави Александар Поповски, режисер на серијалот.

На кастингот кој се одржа во мај се пријавиле повеќе од 200 кандидати за улогата на Зоки Поки и неговата дружина. Од продукцијата велат дека имале тежок предизвик, но се задоволни од направениот избор, а јавноста дополнително ќе ја информираат за актерите кои ќе ги толкуваат улогите на Зоки Поки, Лидија, Боки, Гоки и останатите ликови.

– Денешниот Зоки Поки ќе биде соодветен на времето во кое живееме по форма и естетика, но вредностите и пораките проткаени низ неговите авантури ќе останат чисти и недопрени, со верба дека ќе успеат да го пронајдат патот до срцата и на генерациите што доаѓаат, велат од „Кино око“.

Продуцентот Роберт Насков изјави дека пред почетокот на снимањето претходеле неколку месеци подготовка. – Целата екипа е многу среќна што работи на оваа серија. Прекрасно е да се работи со деца. Верувам дека ќе направиме серија која ќе ја сакаат децата, но и родителите, додаде Насков.

Повеќе од половина век книгата „Зоки Поки“ на Оливера Николова е задолжителна лектира за учениците во македонските основни училишта. Преведена е на српски, романски, украински, чешки, италијански, словенечки, турски, албански и на германски јазик.

Режисерот Поповски и продуцентот  Насков решиле да направат  екранизација не само затоа што сметаат дека оваа лектира е релевантна за различни генерации, туку и поради недостиг на домашна ТВ-програма за деца.

Снимањето на десетте епизоди на „Зоки Поки“ ќе трае до 13 септември на повеќе локации во Скопје. Отворен е и хаштагот #ЗокиПоки и сите што ја имаат лектирата може да споделат фотографии.