Поранешниот градоначалник на Струмица Костадин Костадинов и уште 5 лица се сомничат дека несовесно работеле и ја злоупотребиле постапката за набавка електричните автобуси со кои цела година се врши јавниот градски превоз во општината, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Костадинов доби пријава за Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно приванто партнерство, кривично дело за кое се товари и лице од Скопје кое било одговорно за реализацијата на договорот иако не ги поседувало потребните квалификации.
„Пријавениот К. К., во својство на поранешен градоначалник на Општина Струмица, ги повредил правилата на постапката за јавна набавка на електрични автобуси за потребите на ЈСП ‘Струмица-Транспорт’ од Струмица со ангажирање на пријавениот Г. П. како одговорно лице задолжено за одговори на технички прашања, учество во техничката евалуација на понудите, надзор над имплементацијата и целосна реализација на договорот, иако тој не ги поседувал потребните стручни квалификации и потребната лиценца А за надзор од областа на електротехниката издадена од Комората за овластени архитекти и овластени инженери. Исто така, пријавениот К. К. свесно ги повредил и прописите на постапката за јавна набавка преку договарање со Г. П. на тој начин што во тендерската документација биле наведени спецификации кои недвосмислено и речиси идентично одговарале токму на спецификациите на набавените електрични автобуси“, се вели во информацијата на МВР.
Ексградоначалникот Костадинов ги отфрла наводите за сторено крично дело во врска со јавната набавка на електричните автобуси. Според него, проектот ги запазил сите постапки од иницирање, гласање во Советот, формирање јавно претпријатие, спроведување на јавната набавка на автобустите и имплементација на проектот.
Останатите четири лица, како директорот на „Струмица Транспорт“ и членови на Комисијата за јавни набавки, се товарат дека не извршиле надзор над целокупната постапка и имплементација на јавната набавка, а во која учествувало лицето од Скопје без стручни компетенции при што биле набавени 10 електрични автобуси на лизинг.
Според МВР, при таа постапка биле набавени 10 електрични автобуси во износ од 429.933.595 денари (околу 7 милиони евра) со што е причинета материјална штета од поголеми размери, бидејќи во услови на отсуство на лице со неопходните стручни квалификации доведена е во прашање реалната вредност, квалитетот, веродостојноста на техничките спецификации на набавените автобуси.




