Ако со британскиот заем инвестираме во Чебрен, ќе завршиме голема работа, велат експертите. Тоа би било најпаметно зашто ќе постигнеме еден вид енергетска независност. И брзата пруга од Коридорот 10, нагласуваат, е многу битна, иако има големи дилеми колку ќе може да придонесе за динамизирање на растот, но, од друга страна, сепак, ако не ја изградиме, ќе бидеме заобиколени, друга земја ќе ја преземе таа обврска, Албанија, Србија,…
Како што изјави денеска академик Таки Фити, каматните стапки за проектите се уште не се познати. Се очекува да бидат пониски зашто британската банка стои зад нас. Тој порача дека мора да се води сметка, кога парите ќе доаѓаат колку да се инвестираат, колкав е капацитетот на апсорпција на тие пари за македонската економија.
-Не знаеме какви ќе бидат каматите и кои проекти ќе бидат прифатени, кои ќе почнат да се реализираат, тоа е многу битно. Сега велиме, нема да се зголеми јавниот долг зашто ќе имаме зголемена динамика на раст на БДП, но тоа е неизвесно, дали ќе успееме во наредните години да се развиваме со стапка од 4,7 отсто колку што вели Владата или пет отсто. Ако успееме така да се развиваме, учеството на јавниот долг иако тој квантитативно расте, во БДП ќе се намалува. Но, ако се развиваме со стапки од 2,5 – 3 отсто тоа може да биде значаен удар врз големината на јавниот долг. Мора да се води сметка и кога парите ќе доаѓаат, колку да се инвестираат, колкав е капацитетот на апсорпција на тие пари за македонската економија. Замислете, една милијарда евра наеднаш да се пуштат, веднаш ќе „буфне“ инфлација во земјата. Не е тоа така едноставно, но верувам, ова ќе има своја динамика, Владата и Народната банка ќе водат сметка за тоа. Уште до крај не ги знаеме условите. Моја оценка е дека најпаметна инвестиција тука ќе биде онаа поврзана со Чебрен. Ако со овој проект успееме да го исфинансираме Чебрен, сме завршиле голема работа. Ефектите очекувам да бидат најголеми од Чебрен зашто на тој начин ќе дојдеме до еден вид енергетска независнисот. Ние даваме огромни пари за увоз на струја секоја година, перманентно, а знаете дека цената на енергијата со тек на време расте. Еве, сега, со новите судири, ќе порасне и цената на нафтата што ќе се одрази и врз сите други енергенси, објасни Фити.
Одговорајќи на новинарско рашање по тркалезната маса на тема „Зелен раст – посебен осврт врз Македонија што ја организира МАНУ, професорот напомена дека вкупната инфраструктура секако придоенсува за растот.
-За пругата има големи дилеми, во која мера и колку тоа може да придонесе за динамизирање на растот. Самиот факт што овие средства полека ќе влегуваат во економијата, ќе ја раздвижуваат, ќе ја зголемуваат агрегатната побарувачка, но јас немам посебно информации дали и кога ќе се гради, кога ќе почне. Тоа е многу битно за да дадеме некаква оценка. Не знаеме каматни стапки, сега излезе дека сме упатени да бараме кредити од низа комерцијални банки и меѓународни финансиски институции. Колкава ќе биде каматната стапка зависи од преговорите и кредитниот рејтинг на земјата, но со тоа што британската банка стои зад нас очекуваме каматните стапки да бидат пониски. Како ќе се одрази тоа врз јавниот долг е друго прашање, потенцира академик Фити.
фото: МИА