Швајцарија има сериозен системски проблем со расизмот кон луѓето со африканско потекло, се вели во извештајот објавен денеска од Советот за човекови права на ОН.

Извештајот дава различни примери на расизам, од полициска бруталност до детска игра наречена „Кој се плаши од црниот човек?“. Работната група назначена од ОН забележува дека Швајцарија презела мерки за борба против расизмот, но сепак изразува загриженост поради распространетоста на расната дискриминација. Групата своите заклучоци ги засноваше на впечатоците добиени за време на посетата на Швајцарија оваа година.

„Сеприсутноста на расна дискриминација и недостигот на казнивост за овие прекршувања укажуваат на тоа дека постои сериозен системски проблем“, се вели во извештајот.

Амбасадорот на Швајцарија во седиштето на ОН во Женева генерално ги прифати заклучоците од извештајот, но го доведе во прашање тоа што експертите врз основа на ограничен број примери извлекоа поголеми заклучоци.

Извештајот, исто така, оддели особено внимание на „шокантната“ полициска бруталност која ги однесе животите на неколку црнци во кантонот Во.