По повторното активирање на пожарот во кругот на фабриката за оружје и муниција АТС АММО во населба Самоков во моментот гори ниска вегетација и површина со трева и дрвја, и во кругот и надвор од кругот на фабриката. Пожарот засега нема зафатено производни хали или други магацински капацитети, но итно се преземаат мерки за негово спречување и локализација, информираат од Центарот за управување со кризи. Во моментов се кативни осум пожари во земјава, а еден е изгаснат.
Оттаму појаснуваат дека во текот на денешниот ден (околу 13:00часот), од страна на командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Македонски Брод, пријавено било повторно активирање на пожарот во кругот на фабриката за оружје и муниција АТС АММО во населба Самоков.
-Иако претходниот отворен пожар во магацинот беше локализиран пред неколку дена, во ноќните часови била забележана експлозија на буре со хемикалии складирани во веќе зафатениот магацин. Во текот на денот дошло и до втора експлозија на друго буре со хемикалии, по што пожарот повторно се активирал. Во моментот гори ниска вегетација и површина со трева и дрвја, и во кругот и надвор од кругот на фабриката. Пожарот засега нема зафатено производни хали или други магацински капацитети, но итно се преземаат мерки за негово спречување и локализација, велат од ЦУК.
На терен интервенира една противпожарна екипа со едно возило од ТППЕ Македонски Брод. Поради сложеноста на теренот и опасноста од ширење на пожарот, градоначалникот на Општина Македонски Брод побарал поддршка од ТППЕ Прилеп и ТППЕ Кичево. ТППЕ Прилеп веќе упатила едно противпожарно возило со екипа на лице место.
Градоначалникот на Општина Македонски Брод преку повикувачкиот број за итни случаи 112 официјално побарал и воздухопловна поддршка за помош на копнените сили во справување со пожарот. Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш ги процесуирал барањата до Министерството за внатрешни работи (МВР), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија. Од ЦУК најавуваат дека остануваат во координација со сите надлежни институции и ќе ја информира јавноста за понатамошниот тек во врска со овој пожар.
Од ЦУК информираат и дека до 14:00 часот, евидентирани се вкупно 8 пожари на отворен простор, од кои активни се во општина Прилеп: с. Бешиште – приземен пожар во мешана шума, општина Македонски Брод: с. Црешнево – гори деградирана дабова шума и грмушки, општина Чашка: под Солунска Глава, помеѓу Изворите на Бабуна и Бабина Дупка – нема активен пламен, но има чад во карпест дел, општина Чучер Сандево: помеѓу с. Блаце и с. Чучер – мешана шума и ниска вегетација, општина Македонски Брод: н. Самоков – во фабриката „Сувенир“ опожарен магацин/хала со гуми и палети, општина Македонски Брод: с. Слатино – гори лисната постелка и ниска вегетација
општина Старо Нагоричане: с. Белаковце – шумски пожар. Изгаснат е еден пожар во општина Чешиново-Облешево: с. Чешиново – стрниште.