Илјадници жители на периферијата на главниот град на Тајланд денеска се евакуирани, поради експлозија на фабрика во која загина спасувач, а повредени се 29 лица, соопштија властите.

Жителите на провинцијата Самут Пракан, кои живеат на пет километри од фабриката, се евакуирани од претпазливост.

Локалните власти соопштија дека 70 куќи се оштетени, а пожарникарите го гаснеле пожарот најмалку девет часа од експлозијата, што се случи рано утрово.

Засега не е утврдена причината за експлозијата. Фабриката за полистиренска пена, сопственост на тајванска компанија, е оддалечена околу пет километри од главниот меѓународен аеродром во Бангкок, Суварнабхуми.

Раководството на Аеродромот соопшти дека експлозијата не ги нарушила летовите.