Реал Мадрид ја победи Барселона во големото „Ел Класико“ со 2:0, во 26. коло од шпанската Ла Лига.

„Кралевите“ доминираа во вторите 45 минути кога ги постигнаа и двата гола на мечот за заслужени три бода со кои се вратија на врвот од табелата во Шпанија.

Во првото полувреме Барселона беше подобра, но Гризман не успеа да поентира, а потоа и Артур во 34 минута и Меси во 38 минута не ја доведоа Барселона во водство.

Во вториот дел Реал ја презеде иницијативата, но не реализираа Иско, Бензема и Рамос… Тоа што не им успеа ним, му успеа на 19-годишниот Винисиус во 71. минута кога продре по десната страна и успеа да го совлада Терштеген.

Конечните 2:0 ги постави Мариано Диаз во втората минута од судиското продолжение кога  само што влезе во игра во првиот свој допир со топката, постигна гол.