Жителите на струшката населба „Елен Камен“ и струшкото село Радожда со денови се без вода или имаат вода колку да капе од чешмите, објаснуваат тие.
Велат постојано од струшкото претпријатие „Водовод“ добиваат разни објаснувања и изговори за проблемот, но решение за водата нема.
-Најчесто проблемот се стари пумпи кои не се сменети со децении. Оваа година моите родители се дојдени од 1 јуни и скоро цело време нема доволно притисок, капе вода не може ниту раце да се измие. Во изминатата недела вкупно не сме имале ниту 10 часа вода, вели Александар во изјава за Денешен.мк.
Истакнува дека во понеделникот биле на состанок кај директорот на претпријатието Дашмир Насуфи кој им рекол дека пумпата ја менувале и дека од среда сите ќе имале вода без никаков проблем.
-Следниот ден, вторник, екипите излегоа бидејќи само тие имаат пристап до таму, вентилот бил две третини затворен. Го отворија вентилот и рекоа дека треба да имаме вода. Вода имаше неколку часа и потоа повторно снема. Од завчера од пет часот до денеска вода нема. Ни објаснуваат и дека проблем е во немањето струја, но не може струјата да е постојано проблем, кога таа ја имаме. Имаат различни објаснувања, очигледно има проблем кој не го кажуваат, објаснува Александар.
Вели дека на одговорно техничко лице од претпријатието, како жители, понудиле сами да купат делови за пумпата, по што добиле согласност.
-Приватно се понудивме сами финансиски да го покриеме делот од пумпата. Го најдовме во Скопје и ќе го нарачаме. Се понудивме и да најдеме мајстор да го сервисира агрегатот, кој воедно е донација, истакнува тој.
Додава и дека рестораните во Радожда едвај имаат вода и дека од нив добиваат поддршка во борбата да се реши овој проблем.
Денешен го контактираше и директорот Насуфи кој истакна дека жителите од овие места немале вода само вчера.
-Дефект имаше со трафостаницата на ЕВН. Санирано е се, екипите беа на терен. Резервоарот е пуштен да се полни, за еден час жителите ќе добијат вода, кусо одговори Насуфи.
Жителите се овие места се одлучни, доколку не се реши проблемот со водоснабдувањето ќе го блокираат патот кон граничниот премин Ќафасан.