Перењето пари и финансирањето тероризам не се феномени кои ја заобиколуваат Македонија. Напротив, како дел од глобалната финансиска мрежа и правно – деловниот промет, но и поради својата природна, географска местоположба, Македонија е под закана од перење пари и финансирање тероризам, рече заменик-министерот за финансии Ширет Елези на денешниот семинар „Заштита на системите на банките од злоупотреби за целите на перење пари и финансирање на тероризам и улогата на одделите за спречување на перење пари и финансирање на тероризам“.
Според Елези, почитувајќи ги меѓународните стандарди и препораки кои наметнуваат обврска мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам да се применуваат според проценетиот ризик, Владата усвои Национална стратегија за борба против перење пари и финансирање на тероризам.
– Согласно стратегијата, Управата за финансиско разузнавање, Управата за финансиска полиција како и другите надлежни органи се очекува да дадат одговор согласно кој системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам ефикасно ќе го штити интегритетот на финансискиот сектор и економијата од заканите на перење пари и финансирање на тероризам. Со тоа ќе се придонесе за зацврстување на националната сигурност и безбедност, рече Елези.
Во насока на зајакнување на системот за спречување перење пари и финансирање тероризам е и денешниот семинар, наменет за високиот менаџмент од банките.
Директорот на УФР Блажо Трендафилов истакна дека доставените извештаи за сомнителни финансиски активности до УФР од страна на банките и другите субјекти завршуваат со 70 проценти доставени изврштаи до надлежните институции за спроведување на законот. Ова покажува дека банките и другите субјекти се добро обучени за препознавање и доставување на извештаи за сомнителни финансиски трансакции.
Семинарот го организираше Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам и Советот на Европа.