Целосното реализирање на изградбата на автопатската делница Кичево-Охрид вклучува финансирање на непредвидени и дополнителни градежни работи.
За таа цел Министерството за финансии му предлага на Собранието по скратена постапка да го усвои Предлог-законот за гаранција на РС Македонија на обврските по Договорот за заем за дополнително финансирање на проектот, кој ќе се склучи меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Експорт – импорт банката на Кина.
-Проценетата вредност на дополнителни финансиски средства за проектот изнесува 179.694.572,51 американски долари, додека вкупната вредност на проектот е 684,7 милиони долари. Потребата за обезбедување на дополнителни финансиски средства произлегува од непредвидени и дополнителни работи за тунелот Пресека, непредвидени работи за широк ископ и санација на свлечишта, непредвидени и дополнителни работи за изградба на осум денивелирани патни јазли: клучки и еден алтернативен пат од Врбјани до патен јазол Арбиново, рече заменик-министерката за финансии Ширет Елези, образложувајќи ја потребата од носење на законот по скратена постапка во Собранието.
Рокот за отплата на заемот е 20 години, со вклучен грејс период од пет години, а каматна стапка е фиксна и ќе изнесува два проценти на годишно ниво за целото времетраење на заемот.
Успешната реализација на овој проект, како што вели, ќе има директно влијание на зголемувањето на вработеноста и економскиот раст. Населението кое живее во регионите каде што се изведуваат работите на изградба на автопатот ќе има корист од намалување на транспортните трошоци и времето на патување, подобрување на квалитетот на патничкиот и товарниот сообраќај и ќе се создадат значајни можности за вработувања, особено во индустријата за изградба на патишта. Носител на проектот е Јавното претпријатие за државни патишта.
По усвојувањето на Законот за гаранција од страна на Собранието на Македонија ќе следи потпишување на Договорот за заем меѓу ЈП за државни патишта и Експорт – импорт банката на Кина.