Еден од најдобрите македонски фудбалери, Елиф Елмас во интервју за турската агенција Анадолу вели дека пред македонскиот репрезентативен фудбал и натаму ќе следат успешни денови ако се истрае во вербата за оваа подмладена селекција која ќе има многу што да каже на интернационалната сцена.

Елмас нагласува дека негов сон е да игра на едно светско првенство, а верува дека Македонија повторно наскоро ќе игра на Европско првенство по она свое дебитантско во 2021 година.

„Сонувам да играм и на Светско првенство. Знам дека е тоа тешко затоа што секогаш е тешко да се најде поголем избор квалитетни репрезентативци за Македонија која е мала држава, за разлика од Турција која има 80 милиони жители. Но, мислам дека во иднина ќе постигнуваме повторно добри резултати, затоа што има навистина добра атмосфера во новата подмладена селекција која има перспектива и свои цели од кои не се откажува“ – вели Елмас.

Неизбежно, фудбалерот на германски Лајпциг се осврнува и на можноста од минатото да го облече и дресот на турската репрезентација кога доби повик во 2017 година.

 

„На 5. јуни 2017 година во Скопје, Турција имаше натпревар со Македонија кој заврши 0-0. Непосредно пред тоа селекторот на Турција, Фатих Терим испрати повик да играм за нивната репрезентација, но тоа не се случи. Тогаш бев повикан во младата репрезентацијата на Македонија со која настапив на Европското првенство 2017, а таа година и дебитирав и за сениорската селекција“ – истакнува Елмас.

Македонскиот фудбалер сега го очекува својот блесок во Лајпциг, по онаа своја епизода во Наполи за која е сигурен дека беше повеќе од успешна за него.

„Имав успешен период во Наполи, иако понекогаш бев замена. Бев третиот играч со најмногу асистенции и голови по Осимен и Кварацхелија. Ја освоив и шампионската титула во Серија А по 33 години во Наполи и го освоивме и Купот на Италија. Претпочитав да се прклучам на Лајпциг бидејќи сакав тим во кој ќе може постојано да играм. Лајпциг е тим кој им дава шанса на младите играчи. Сега се адаптирам на германскиот фудбал и сигурно е потребно малку време. Но, следната сезона сигурен сум дека ќе го гледате оној вистинскиот Елиф Елмас“ – истакнува еден од најдобрите македонски фудбалери