Македонската одбојкарска репрезентација ќе игра во групата Ц против Финска, Русија, Холандија, Турција и Шпанија на Европското првенство закажано за септември годинава.

Жрепката што попладнево беше извлечена во Хелсинки им додели на македонските одбојкари силна група во која натпреварите ќе се играат во Тампере.

Актуелниот европски првак Србија е во групата А заедно со репрезентациите на Полска, Белгија, Украина, Грција и Португалија, додека групата Б ја сочинуваат Чешка, Италија, Словенија, Бугарија, Белорусија и Црна Гора. Во групата Д се репрезентациите на Естонија, Летонија, Франција, Германија, Словачка и Хрватска.

Европското одбојкарско првенство ќе се одржи од 1 до 19 септември во Полска, Чешка, Финска и Естонија.

Групата А ќе се игра во Краков, групата Б во Острава, групата Ц во Тампере, а групата Д во Талин.

Првопласираните четири репрезентации од секоја група ќе обезбедат настап во осминафиналето, кое ќе се игра во Гдањск и Острава, додека полуфиналето и финалето во Катовице.

Македонските одбојкари своите противници за Европското првенство ги дознаа од данскиот град Шлагелсе каде од утре до недела го играат вториот дел од групната фаза во рамки на Европската сребрена лига, во кое завршницата ќе се одржи на почетокот на јуни во Струмица.