Македонските одбокари направија историја, остварувајќи ја првата победа на европските првенства. Нашиот квалитет дојде до израз во натпреварот со Белорусија, кој го добивме со 3-1, по сетови 23-25, 25-19, 28-26, 25-20.
Македонија веќе не е аутсајдер, случаен патник и принуден учесник на Европското првенство во одбојка, туку репрезентација која запиша победа и први три бода во групата во Љубљана.
Скептиците имаа право да не веруваат и денеска, но само во првиот сет, во кој Белорусите диктираа, подолго водеа, на крај и го добија со 25-23. Сепак, селекторот Никола Матијашевиќ од клупата најде начин како да ги поврзе конците, а капитенот Никола Ѓорѓиев да ги повлече соиграчите на паркетот, за Македонија да го покаже најдоброто од себе.
Со првата победа, Македонија освои први три бода и дојде до петтото место во групата, еден повеќе од шестопласираната Белорусија и идентично колку четвртата Турција. Финска има четири на третото место, напред се Словенија и Русија со по девет.
Утре од 17.30 часот, Македонија ќе игра со домаќинот и фаворит Словенија, со отворени шанси за осминафинале.