Шефови на држави и влади, опозициски лидери, како и лидери на ЕУ институциите, кои ѝ припаѓаат на Европската народна партија, вчера и денеска, во Атина одржаа неформален состанок, кој како што соопштија од партијата „го покажува единството, тимскиот дух и политичката определба на семејството на ЕПП да се справи со бројните предизвици со кои се соочува Европа“, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Европската народна партија додаваат дека низ својата долга историја, „го докажале својот капацитет на инклузивен и искрен начин да одговорат на кризи со прагматични решенија“, а сега повеќе од било кога досега, потребен е силен централно-десничарски центар.
– Неформалниот собир на лидерите на ЕПП е првиот чекор во креирањето на нашата политичка стратегија за доброто на нашите граѓани и во поглед на следните европски избори. За ЕПП, Европа е важна и затоа што е важна, потребно е зајакнување на Европа на секое ниво. Затоа, ЕПП гради нова и цврста централно- десничарска основа, вкоренета во нашето христијанско- демократско наследство, за да одговори на потребите на сите наши граѓани, соопштија од партијата.
Неформалниот формат бил инициран од новоизбраниот претседател на ЕПП, Манфред Вебер, а првпат домаќин беше грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, а меѓу другите, учествуваа и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европскиот Парламент Роберта Мецола, претседателите на Романија и Кипар, премиерите на Хрватска и Словачка, како и австрискиот канцелар и италијанскиот министер за надворешни работи.
Претседателот на ЕПП, Вебер на Твитер напиша дека разговарале за целите за 2023 година и почетокот на работата за европските избори во 2024 година, а Мицотакис, исто така преку Твитер, изрази задоволство за можност да разговараат за тоа како можат да ја зајакнат нивната координација во семејството на ЕПП и да работат поблиску за доброто на луѓето.
Од кабинетот на грчкиот премиер информираа дека на состанокот разговарале за стратегијата на партијата и за важни прашања поврзани со иднината на Европската унија, како што се енергетската безбедност, економијата и одбраната.
На маргините на состанокот, Мицотакис одржа билатерални средби со претседателката на ЕК, со претседателот на ЕПП, како и со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Италија.