Европскиот авиопроизводител „Ербас“ соопшти дека во првиот квартал од годинава остварил пад на нето профитот на годишно ниво од 86 проценти на 40 милиони евра.
Причина за падот на профитот е замрзнувањето на лиценците за извоз за потребите на одбраната на Саудиска Арабија, поради што „Ербас“ загубил 190 милиони евра, како и прекин на програмата за производство на моделот А380, што компанијата ја чинело 61 милион евра.
На 14 февруари „Ербас“ објави дека го прекинува производството на најголемиот патнички авион на светот А380, поради тоа што големите компании не пројавија интерес за овој модел, претпочитајќи да набавуваат помали и поекономични летала.
Авионите А380 имаат четири мотори и капацитет од меѓу 500 и 800 патници. Овој модел влезе во употреба во 2007 година и чини околу 500 милиони долари.