Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска по трилатералната средба со неговиот украински колега Володимир Зеленски и генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изјави дека „никој не сака светот да доживее нов Чернобил“.
Во украинскиот град Лавов, Ердоган изрази загриженост за борбите што се водат во непосредна близина на нуклеарната централа Запорожје, објави турската ТРТ.
– Ќе ги оценам резултатите од сите наши денешни средби со господинот Путин – рече Ердоган на заедничката прес-конференција со Гутереш и Зеленски, додавајќи дека би сакал да разговара со рускиот претседател и за прашањето за размена на затвореници меѓу Москва и Киев.
Турскиот претседател посочи дека меѓу темите на трилатералната средба биле можните начини за ставање крај на конфликтот во Украина и додаде дека Анкара е подготвена да придонесе за обновување на преговарачкиот процес во Истанбул, во кој учествуваа претставници на Москва и Киев.
Ердоган истакна дека и Зеленски и Гутереш се согласуваат со него дека ситуацијата во Украина мора да се реши на преговарачка маса.
Зеленски, сепак, изјави дека преговорите меѓу Киев и Москва се можни само по повлекувањето на руските сили од териториите под контрола на руската армија.