Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган вчера во Истанбул го критикуваше Советот за безбедност на Обединетите нации, порачувајќи дека не се во состојба да го решат израелското прашање, јави агенцијата Анадолија.
Ердоган говореше на прес конференција на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, пред поаѓањето во САД каде ќе се обрати на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
– Сите подготовки долж границата со Сирија се завршени. САД се наш стратешки партнер, наш партнер во НАТО, веќе долги години го продолжуваме нашето стратешко партнерство. Наша желба не е да сме во ситуација да бидеме против САД. Исто така, го немаме тој луксуз само да ја надгледуваме и занемаруваме поддршката на терористичките организации од страна на САД. Очигледна е нивната поддршка на терористичките организации како што се ЈПГ/ПКК, рече Ердоган.
Тој упати критики кон Советот за безбедност на Обединетите нации, порачувајќи дека „светот е поголем од пет“ – алудирајќи на петте постојани членки на СБ на ОН.
– Не се во состојба да решат едно израелско прашање. На сите им е познато на која точка сме денес. Израелското прашање не е решено. Израел не ги признава одлуките на ОН. Нека ни одговорат на тоа. Израел од 1948 година, мислам на територијата, дали тоа денес е истиот Израел, рече Ердоган.