Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција е отворена за иницијативи за нормализирање на односите со Сирија и дека нема причина да не се воспостават дипломатски односи меѓу двете земји.
„Нема причина зошто да не се воспостават дипломатски односи. Со други зборови, ќе дејствуваме заедно во развивањето на соработката со Сирија исто како што правевме во минатото. Не можеме да имаме проблем или да имаме за цел да се мешаме во внатрешните работи на Сирија“, рече тој, пренесува ТВ каналот ТРТ Хабер, пренесува Танјуг.
На почетокот на месецот турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер изјави дека Анкара би можела да размисли за повлекување на војниците од сириска територија. Тој истакна дека услов за тоа ќе биде безбедноста на границата на Турција.
На крајот на мај, весникот „Хуриет“ објави дека Вашингтон создава „мал Израел“ на границата со Турција со помош на милитантите на Курдистанската работничка партија (ПКК) во Сирија, додека меѓународната заедница е „преокупирана“ со конфликти во појасот Газа и Украина.
Турските власти сметаат дека ПКК и нејзините ограноци се главната закана за безбедноста на земјата. Конфликтот трае од 1984 година, а турските вооружени сили спроведуваат операции против курдските милитанти на границите со Ирак и Сирија.