Венецуелските власти блокираа мост на границата со Колумбија, во обид да спречат влез на хуманитрана помош во земјата, јави колумбиската телевизија Ере-Це-Ене.

Според телевизијата, венецуелската страна од мостот „Тиендитас“ е блокирана со цистерна и бродски контејнери.

Изградбата на мостот „Тиендитас“, што се наоѓа во близина на градот Куката, беше завршена во 2016 година, но тој се уште не е пуштен во употреба.

По објавувањето на оваа вест, на Твитер се огласи американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој го обвини венецуелскиот претседател Николас Мадуро дека „ја блокира хуманитраната помош со камиони и бродски контејнери“.

– На венецуелскиот народ очајно му е потребна хуманитрана помош. САД и други земји се обидуваат да помогнат, но венецуелската војска по наредба на Мадуро ја блокираше помошта со камиони и бродски контејнери. Режимот на Мадуро мора ДА ДОЗВОЛИ ПОМОШТА ДА СТИГНЕ ДО ГЛАДНИОТ НАРОД, објави Помпео на Твитер.