Вулканот Питон де ла Фурнез, кој се наоѓа на францускиот остров Реунион во Индискиот океан, повторно од изутринава е во ерупција, првпат оваа година, јави дописникот на МИА.
Според вулканската опсерваторија на Реунион, ерупцијата е во централниот кратер на вулканот во калдерата, во една сосема ненаселена област. Вулканот не претставува опасност за луѓето и имотот.
Според Aлин Пелтие, директорка на Вулканолошката опсерваторија на Питон де ла Фурнез, „најмалку две еруптивни пукнатини и десетина фонтани на лава се наоѓаат на височината на вулканот, на источното крило на вулканскиот масив“.
Лавата излегла од земјата по голема сеизмичка криза која траела едвај час. Питон де ла Фурнез своите први знаци на будење ги имаше во саботата, но потоа се смири.
Вулканот се наоѓа во југоисточниот дел на Реунион. Питон де ла Фурнез е еден од најактивните вулкани во светот. Тој имаше околу петнаесет ерупции во текот на последните десет години, вклучувајќи и четири пати во 2018 година. При секој еруптивен феномен, десетици илјади луѓе одат во близина на масивот надевајќи се дека ќе ја видат лавата и ерупцијата.