Палестинец денеска со автомобил влетал во толпа луѓе на улица во Ерусалим и повредил пет лица пред да биде застрелан од случаен минувач, соопшти полицијата.
Израелските војници убиле Палестинец неколку часа претходно за време на рација на окупираниот Западен Брег, последен во серијата инциденти оваа година.
Израелските служби за итни случаи соопштија дека укажале помош на пет повредени лица пред да ги однесат во болница, вклучително и 70-годишен маж кој е во сериозна, но стабилна состојба. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека возачот на автомобилот, 30-годишен маж од источен Ерусалим, намерно се обидел да ги повреди цивилите. „Овој терористички напад на ова место, во ова време, нѐ потсетува дека земјата на Израел и државата Израел беа добиени низ многу искушенија и неволји“, рече Нетанјаху.
Израелско-палестинското насилство се интензивира оваа година со чести воени напади, насилство од страна на израелските доселеници и бројни палестински напади. Од јануари досега се убиени повеќе од 90 Палестинци и најмалку 19 Израелци и странски државјани.
Претходно денеска, израелските сили убиле Палестинец за време на рација во бегалскиот камп Акабат Џабр во близина на градот Ерихон на Западниот Брег. При операцијата било забележано дека двајца осомничени бегаат од местото на настанот. Војниците одговориле со боева муниција, соопшти армијата, но не кажа зошто им биле цел Палестинците.
Официјалната палестинска новинска агенција ВАФА го цитира гувернерот на Ерихон дека војниците убиле еден човек, а раниле уште тројца. Здружението кое се залага за палестинските затвореници објави дека израелските безбедносни сили уапсиле 30 лица на Западниот Брег во текот на ноќта и рано утринава. За време на војната во 1967 година, Израел ги окупира Западниот Брег и Источен Ерусалим, кои Палестинците го сакаат како јадро на нивната идна независна држава.