Во „дипломатска офанзива“, во исто време во САД, Македонија ја претставуваат претседателот Стево Пендаровски, министерот за надворешни работи Бујар Османи, а најдолго таму престојува министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи на маргините на 76 Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, се сретна со министерот за надворешни работи на Република Сингапур, Вивијан Балакришнан.
Како што соопшти МНР, на средбата беа разменети мислења за можностите за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји и беше изразено взаемно задоволство од досегашниот развој на мултилатералната соработка, со посебен фокус на Обединетите нации.
-Соговорниците се согласија дека организирање на средби на високо и највисоко ниво, ќе даде нов импулс во заемните односи и дополнително ќе отвори нови можности за унапредување на соработката, особено во делот на економијата и инвестициите, се наведува во соопштението.
Воедно, се додава, на средбата се дискутираше и за актуелни меѓународни прашања и соработката во меѓународните организации.
Активни на социјалните мрежи се и Пендаровски, и Шекеринска, и Османи. Тие на своите профили на Фејсбук секојдневно ја информираат јавноста за придобивките што треба да ги имаат граѓаните на Македонија од нивните средби со американски и други претставници.
Средба Пендаровски – Гутереш
Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на 76. Генерално собрание на Обединетите нации, во Њујорк се сретна со Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, при што беа разменети мислења за севкупните активности на Република Македонија во рамки на ОН, како и за улогата на организацијата во справувањето со глобалните прашања.
Како што соопштија од кабинетот на претседателот, во тој контекст, генералниот секретар Гутереш оддаде признание за покажаната солидарност од страна на Република Македонија со вклучувањето во глобалната хуманитарна акција за привремено прифаќање на граѓани од Авганистан.
На средбата, се посочува, беше истакната важноста на Преспанскиот договор, склучен под покровителство на Обединетите нации, како пример дека и најкомлексните отворени прашања може да се разрешат доколку за тоа постои политичка волја и силно лидерство.
-Двајцата соговорници разменија мислења и информации за актуелната состојба во однос на европската перспектива на државата, вклучувајќи го отвореното прашање со Република Бугарија. Двајцата соговорници констатираа дека деблокадата на евроинтегративниот процес е од интерес за стабилноста и просперитетот на регионот и на Европа во целина, стои во соопштението.