Авторски концерт насловен „Сцени“ посветен на 60 години од раѓањето на композиторот Гоце Коларовски (1959-2006) ќе биде одржан вечер од 20 часот во Музејот на македонската борба во рамки на 20. „Есенски музички свечености“.
Програмата на концертот е поделена во три тематски блока. Првиот („Извори“) ги содржи делата мотивирани од националната традиција или создадени во раниот период на творештвото. Во вториот („Ѕвона“) се делата во кои е пресоздаден звукот на камбаните – трајна инспирација на композиторот.
-Најдиректниот одраз на тоа е прелудиумот „Вечерен ѕвон“, а со алузиите на ѕвоната се проткаени и двата вокални циклуса каде што се одрази уште една творечка преокупација на Коларовски: хаику поезијата која, воедно, е и симбол на концентрираноста на смислата и значењата, соопшти Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, организатор на „Есенските музички свечености“.
Последниот блок („Т‘га за север“) го сочинуваат делата поврзани со престојот во Ленинград (Санкт Петербург) како и последното дело на Коларовски – „Алузии на 1906“ созададено во 2006 година и посветено на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Дмитриј Шостакович.
На програмата е и македонската премиера на делото „Камбани“ во транскрипција за пијано, харфа, вибрафон и ѕвона, првпат изведено во Екатеринбург, Русија, во 2014 година.
На концертот ќе учествуваат македонските солисти Ива Дамјановски, Марија Вршкова, Викторија Коларовска-Гмирја, Гонца Богоромова-Краповски, Владимир Костов, Мерсиха Шукри, Мојца Седеу и Горан Митрев и гостите од Србија – Јелена Јаковљевиќ, Никола Цветковиќ и Сашо Арсенов.