АД Електрани на Македонија ќе ги преземе сите мерки кои и стојат на располагање за утврдување дали вработен во компанијата е креатор на интернет портали во странство преку кои ширел наменски лажни вести, како и дали за наведеното дејство го злоупотребил работното место, работното време и службените ресурси.

– Во врска со случајот на лицето вработено во АД ЕСМ кое според информациите добиени од средствата за јавно информирање, е креатор на интернет портали во странство преку кои се ширеле наменски лажни вести, АД ЕСМ ја информира јавноста дека ќе ги преземе сите мерки кои и стојат на располагање на компанијата согласно Законот за работни односи и согласно внатрешните акти и правилници за да се утврди дали вработениот за наведеното дејство го злоупотребил работното место, работното време и службените ресурси, информираат од ЕСМ.

Од ЕСМ, информираат дека писмено ќе се обратат до надлежните институции со прашање дали за лицето е отворена постапка за овој или за некој друг случај, како и да ги информира институциите дека компанијата стои на располагање за сите потребни податоци и дека целосно ќе соработува во врска со наведениот случај.