Над 1,3 милиони евра за набавка на струја во наредните четири дена ќе потроши државниот производител на струја ЕСМ. Парите ќе ги поделат пет фирми.
Најголем дел од колачот, од по над 300 илјади евра, добиваат Соле 24 и албанската ETMT Енерџи. Околу 300 илјади евра ќе искешира бугарската РЕС Енерџи, околу 220 илјади евра ќе добие Дуферко, а над 150 илјади евра ќе завршат кај Футуре Енерџи, објави ТВ Телма.
ЕСМ распиша тендер за набавка на 19.200 мегаватчаса, со моќност од 200 мегавати. Тоа е струја што за четири дена би ја произвел еден блок од РЕК Битола.
Сепак, ќе се набави за 40 отсто помалку од бараното. Договори се склучени за набавка на околу 11 илјади мегаватчаса. Денеска и утре, цените се движат околу 128 евра за мегават час, а на 10 и 11 август е постигната цена од околу 97 евра за мегаватчас. Овие цени се блиски до производствената цена на струја од РЕК Битола која се движи околу 110 евра за мегаватчас.
Во ЕСМ велат дека струјата се набавува поради исклучувањето на Блок 2 во РЕК Битола. Не се соопштени причини за исклучувањето. Во моментов работи само Блок 1, а Блок 3 е во редовен годишен ремонт.