Кина и Русија ја користат пандемијата на коронавирус за да ги промовираат своите интереси во Европа, изјави денеска американскиот министер за одбрана Марк Еспер, оценувајќи ја кинеската промоција на телекомуникациската опрема на „Хуавеј“ како „злонамерна“.
– Соединетите Американски Држави се свесни дека некои земји ќе се обидат да ја искористат пандемијата за да инвестираат во клучните индустрии и инфраструктура, со долгорочни безбедносни импликации, рече Еспер за Ла Стампа, одговарајќи на прашањето дали Кина и Русија настојуваат да стекнат влијание во Италија со испраќање помош.
Според него, „потенцијалните противници речиси сигурно ќе се обидат да ги промовираат своите интереси и да предизвикаат поделби во НАТО и Европа“.
– „Хуавеј“ и 5Г се важен пример за оваа злонамерна акција на Кина, рече Еспер.
Како што пренесуваат странските агенции, САД веќе долго време препорачуваат другите земји да го бојкотираат „Хуавеј“, најголемиот производител на телекомуникациска опрема во светот, во градењето нови 5Г мрежи и дека внимателно ја следат опремата на кинеската компанија ЗТЕ.
– Зависноста од кинеските добавувачи може да предизвика клучните системи да станат ранливи на упад, манипулација и шпионирање. Тоа би претставувало ризик за нашите капацитети за комуникација и размена на разузнавачки информации, рече Еспер.