Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел, на крајот на оваа недела ќе ги посети Косово и Србија во обид да го рестартира дијалогот меѓу двете страни, потврди портпаролот на Борел, Питер Стано.
-Целта на оваа мисија е да покаже дека е посветен и да се обиде сѐ што е можно да го олесни дијалогот, рече Стано.
Ова ќе биде прва посета на новиот шеф на европската дипломатија во регионот. Борел прво ќе ја посети Приштина, а потоа Белград.
Дијалогот за нормализирање на односите меѓу двете страни е закочен веќе година и половина поради царините што ги воведе Косово врз српските производи. Европските дипломати се надеваат дека ќе успеат да изнајдат решение со новата косовска Влада за надминување на овој спор, што е предуслов за Белград повторно да се ангажира во преговорите.
Стано ги отфрли шпекулациите дека постојат разлики помеѓу ЕУ и САД околу дијалогот Белград – Приштина поради тоа што не е планирано Борел да се сретне со американскиот претставник задолжен за дијалогот, за време на неговиот престој во Берлин.
-Одблиску работиме со САД на Западен Балкан, затоа што имаме слична агенда, рече Стано. Контактите се постојани се американските партнери, а ако високиот претставник нема време да се сретне со американскиот амбасадор тоа не значи дека нема комуникација помеѓу ЕУ и САД на многу други соодветни нивоа.