Советот на ЕУ денеска донесе одлука за доделување на 15 милиони евра помош во рамките на Европскиот мировен инструмент (ЕПФ) за зајакнување на одбранбените капацитети и способности на Армијата на Република Македонија и нејзината оперативна подготвеност, јави дописникот на МИА од Брисел.

– Денеска се согласивме да и обезбедиме на Република Македонија дополнителна поддршка од ЕУ во вредност од 15 милиони евра за нејзината Армија, изјави во врска со одлуката високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

Таа додаде дека овие средства ќе бидат искористени за набавка на различна опрема – од онаа намената за прибирање разузнавачки информации и за надзор, до онаа за потребите на борбената обука.

– Нашата поддршка ќе и помогне на Република Македонија да придонесе кон регионалната стабилност и безбедност, што е важно не само за Западниот Балкан, туку и за ЕУ, наведе Калас.

Според неа, со поддршката за земјава наменета за спречување конфликти и за зајакнување на регионалната стабилност, Унијата покажува дека „целосно ја поддржува Република Македонија на патот кон членство во ЕУ“.

– Со нетрпение го очекувам мојата прва посета следниот месец за дополнително да разговараме за нашата заедничка агенда, додаде Калас во изјавата.

Како што соопшти Советот на ЕУ, со денешната и со билатералните пакети за поддршка во 2023 и 2024 година, вкупната помош од Унијата за земјава во рамки на Европскиот мировен инструмент (ЕПФ) достигна 38 милиони евра.

– Денешната одлука го покажува континуираниот ангажман со Република Македонија во областа на безбедноста и одбраната, вклучително и на потпишувањето на Партнерството за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Република Македонија минатиот ноември, и го одразува целосното усогласување на земјата со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се наведува во соопштението.

Со денеска издвоените средства преку ЕПФ на македонската Армија ќе и биде обезбедена опрема со разузнавање, надзор и извидување и за електронско војување, потоа комунални и инженерски возила, комуникациски и информациски системи и опрема за борбена обука, а, доколку е потребно, ќе се организира и оперативна обука за нивно користење.

– Новата мерка за помош, исто така, ќе го зголеми потенцијалот на Република Македонија да придонесе во операциите и мисиите на заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ и во сите меѓународни коалиции, се додава во соопштението.